Екипите на секторот „Паркови и зеленило“ при ЈП „Охридски Комуналец“ изминатата недела реализираа повеќе активности за хортикултурно уредување и одржување на јавните зелени површини во градот.
Започнато е садење на сезонски цветен расад од видовите џунџуле, салвија и импатиенс, со што етапно ќе се разубавуваат парковите и јавните површини во Охрид и приградските населби. Во рамки на оваа акција, ново цветно уредување добија Градскиот парк, паркот кај градскиот плоштад, како и кружните текови кај Шпаркасе банка и кај Гимназијата.

Паралелно, продолжија и активностите за косење на тревните површини согласно годишната програма за 2026 година. Интервенции се реализирани во урбаната заедница „Билјанини Извори“, кај игралиштето на Булевар „Туристичка“, на плоштадот „Вангел Наумоски“, во населбите Охридати и Христо Узунов, во селото Коњско, како и на улиците „Стив Наумов“ и „Сирма Војвода“.

Од „Охридски Комуналец“ информираат дека продолжува и хортикултурното уредување на Холандскиот парк, каде во оваа фаза се засадени декоративни садници од видот фотинија, а парковскиот простор е дополнително разубавен со декоративен камен.
