Во манастирот „Света Петка“ во Велгошти вчера беше одбележан значајниот јубилеј – 125 години од формирањето на Првата охридска востаничка чета, по повод празникот Иванден.
На настанот беше оддадена почит на охридските војводи и комити кои, како што беше истакнато, со својата пожртвуваност, храброст и борба за слобода оставиле траен белег во македонската историја и ја трасирале борбата за национално ослободување.
Делегации положија свежо цвеќе и се поклонија пред споменот на хероите, испраќајќи порака за негување на историската меморија и почитување на нивното дело.
Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски, порача дека слободата не е само историско наследство, туку аманет што треба да се чува и брани со чест, достоинство и љубов кон татковината.
„Чест и слава на охридските херои“, стои во пораката по повод одбележувањето на јубилејот.




