Општина Охрид го заврши асфалтирањето на патот што ги поврзува селата Лескоец и Велгошти, со што жителите на двете населени места добиваат директна и побезбедна патна врска.
За завршената инвестиција информираше градоначалникот Кирил Пецаков, кој посочи дека со реализацијата на овој проект се олеснува секојдневното движење на граѓаните и се подобрува локалната патна инфраструктура.
„Наш приоритет останува рамномерниот развој на целата територија на Општина Охрид. Инвестираме подеднакво во секое маало, во секое село и во секоја урбана заедница. Продолжуваме со уште повеќе работа“, истакна Пецаков.
Од локалната самоуправа нагласуваат дека подобрувањето на патната инфраструктура останува еден од приоритетите во насока на поквалитетни услови за живот на жителите во сите населени места на општината.
