Пожар во Дебрца: Изгореа над 50 хектари, градоначалникот апелира да не се палат стрништа

Над 50 хектари полско земјиште со висока сува вегетација изгореа во пожарот на потегот од Белчишта кон Лешани и Злести во Општина Дебрца. Благодарение на интервенцијата на Територијалната противпожарна единица од Охрид и екипата на „Ентузијаст Дебрца“, спречено е ширење на огнот кон земјоделските посеви со пченка и фотонапонска централа.

За сериозноста на пожарот информираше градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, кој упати итен апел до жителите да не палат стрништа и да се однесуваат одговорно кон животната средина и безбедноста на граѓаните.

Во гаснењето на пожарот интервенирале три противпожарни возила на ТППЕ Охрид, заедно со членовите на „Ентузијаст Дебрца“. Според Сиљаноски, со нивната навремена реакција доцна во ноќта била спречена поголема катастрофа и уништување на земјоделски површини и инфраструктура.

Градоначалникот бил на терен за време на интервенцијата, при што изрази благодарност до пожарникарите и волонтерите за нивната пожртвуваност.

„Престанете со палење стрништа! Ова веќе не е само невнимание – ова е директно загрозување на општата безбедност“, порача Сиљаноски.

Тој предупреди дека ваквите пожари ја уништуваат природата и растителниот и животинскиот свет, а истовремено ги загрозуваат човечките животи и имотот на граѓаните.

Од Општина Дебрца апелираат до жителите да бидат максимално внимателни и да не прибегнуваат кон палење стрништа, бидејќи огнот може брзо да се прошири и да предизвика сериозни последици.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани