Со исплатени над 2 милиони евра наследени обврски, зголемена наплата на даноците од 27 на околу 70 проценти и поврат на ДДВ од приближно 600.000 евра, градоначалникот на Струга, Менди Кура, го презентираше отчетот за првата година од мандатот. Како еден од најголемите предизвици што ги наследиле, ја посочи финансиската состојба на Општината, која, според него, имала над 11 милиони евра обврски.
Кура истакна дека со финансиска дисциплина, контрола на трошоците и порационално управување со буџетот успеале да исплатат значителен дел од наследените долгови.
„Со финансиска дисциплина, контрола на трошоците и повнимателно управување со буџетот, од јануари до 2 ноември исплативме над 2 милиони евра наследени обврски“, рече Кура.
Како дел од мерките за намалување на непродуктивните трошоци, градоначалникот посочи дека репрезентацијата на градоначалникот, која претходно изнесувала околу 3.000 евра месечно, е сведена на нула. Продадено било и службеното возило „Ауди“, а бројот на службени телефонски линии бил намален од 95 на 55.
Во инфраструктурата, Кура го издвои напредокот во реализацијата на проектот за Источниот колектор, како еден од најзначајните за Струга. Меѓу проектите што се движат кон завршување ги наведе замената на азбестните цевки, Булеварот „Туристичка“, патниот правец АС Камп – Сатеска, канализацијата во Враништа, пречистителниот колектор во Радожда, како и чистењето на одводните канали.
Во делот на урбанизмот и легализацијата, градоначалникот информираше дека биле наследени повеќе од 2.000 нерешени барања, кои со години чекале да бидат разгледани. Во изминатата година, како што посочи, биле завршени околу 150 предмети за легализација, а обработени над 300 барања за одобренија за градење.
Кура се осврна и на активностите во културата, спортот и социјалната сфера, наведувајќи дека во текот на годината биле реализирани околу 250 средби, активности и настани.
„Денес не стојам пред вас за да кажам дека сме решиле сè. Би било погрешно да тврдам дека една година е доволна за решавање на проблемите што се создавале со децении. Но, денес можам да кажам дека поставивме нови темели на работењето во Општина Струга“, порача Кура.
Градоначалникот најави продолжување на работата со, како што рече, принципите на ред, работа и резултати, нагласувајќи дека отчетноста пред граѓаните останува обврска на локалната власт.
