Политичките притисоци и кризата на владеењето на правото во фокусот на Балканскиот форум во Охрид

Политичките притисоци, независноста на уставните судови и сè помалата доверба во правосудството се меѓу најсериозните предизвици со кои се соочуваат земјите од Балканот. Овие прашања се во фокусот на четвртиот годишен состанок на Балканскиот форум, кој деновиве се одржува во Охрид, со учество на претставници на уставните судови од регионот.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, предупреди дека политичките влијанија врз уставното судство се манифестираат на различни начини, вклучително и преку изборот на судии и непополнувањето на составот на Судот.

Тој потсети дека Уставниот суд во земјава повеќе од една година функционирал со осум наместо со уставно предвидените девет судии, а и по пополнувањето на едно испразнето место, повторно се соочува со нецелосен состав.

„Смислата на Уставот е да постои Уставен суд и тој суд да биде составен од девет. Еве, јас сум бил дел од Уставниот суд што работел со пет судии. И тоа скоро две години. Дали е тоа нормално? Значи, тоа е нарушување на смислата и на духот на Уставот“, рече Костадиновски.

За уставниот судија Осман Кадриу, еден од најголемите проблеми во регионот е кризата на правото, која произлегува од непочитувањето на законите и нивната неправилна примена.

Тој посочи дека проблемот не е само во спроведувањето на законите, туку и во нивното донесување, бидејќи дел од нив содржат противуставни решенија и предизвикуваат штетни последици.

„Кај нас, во нашата земја и во другите соседни земји, посебно во нашата земја, правото е во криза. Правото е во криза кога не се почитува, неправилно се применува. Правото е во криза кога и законодавниот дом носи ептен лоши закони, лоши закони во смисла на тоа што се противуставни, штетни, со штетни последици“, рече Кадриу.

За важноста на институционалната соработка и поврзаноста во заштитата на демократските вредности говореше и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој истакна дека владеењето на правото е темелот врз кој се гради довербата меѓу граѓаните и институциите.

„Владеењето на правото не е само уставен принцип или правен концепт. Тоа е основата врз која се гради довербата меѓу граѓаните и институциите. Тоа е гаранција дека моќта има свои граници“, порача Гаши.

Според шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, регионалниот форум ја потврдува заедничката посветеност на уставната демократија и владеењето на правото. Тој посочил дека уставните судови во регионот се соочуваат со слични предизвици, поради што размената на искуства и соработката се од особено значење.

Во рамки на четвртиот годишен состанок на Балканскиот форум, претставниците на уставните судови ќе разменуваат искуства, ќе ги анализираат европските практики и ќе дискутираат за можностите за зајакнување на независноста и ефикасноста на уставното судство во регионот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани