30-дневен притвор за охриѓанецот осомничен за нападот врз партнерката

Основниот суд во Охрид му определи 30-дневен притвор на 31-годишниот охриѓанец осомничен за нападот врз неговата 26-годишна партнерка. Притворот е определен поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци.

Одлуката следува откако Основното јавно обвинителство во Охрид вчера поднесе обвинение против осомничениот за три кривични дела – „Телесна повреда“, „Противправно лишување од слобода“ и „Загрозување на сигурноста“.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информира дека полицијата продолжила со документирање на случајот и по првично поднесената кривична пријава обезбедила дополнителни материјални докази, кои биле доставени до надлежното обвинителство.

„Работевме на документирање на целокупниот случај. Бевме во потреба од нови околности, елементи и материјални докази, поради што дополнително ги доставивме обезбедените докази и известување до надлежниот јавен обвинител. Одлуката се промени и на лицето му беше изречена мерка притвор од страна на судот“, изјави Јанев.

Случајот предизвика и политички реакции. Форумот на жени на СДСМ повика на протест под мотото „Доста е од насилство врз жени и фемициди“, кој е најавен за денеска во 18 часот пред седиштето на СВР Охрид. Од партијата сметаат дека институциите не реагирале навремено и побараа политичка одговорност од министерот за внатрешни работи.

Со реакција се огласи и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата го осудија нападот, но го обвинија СДСМ за политизација на случајот и обид за собирање политички поени.

„Повикот за протест е повик да се политизира целиот настан за да има крвави политички поени за Венко Филипче. А Филипче пет пари не дава ниту за повреденото девојче ниту за неговото семејство. Ако беше поинаку, тогаш СДС ќе се однесуваше достоинствено, а не како лешинар“, се наведува во партиската реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно, се води постапка и против таткото на девојката, кој беше пријавен за упатување закани кон семејството на осомничениот. Против него е поднесена кривична пријава за „Загрозување на сигурноста“ и определени му се мерки на претпазливост.

Инцидентот се случи на 15 ноември, околу два часот по полноќ. По претходна расправија која започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговото возило, девојката се здобила со телесни повреди. По укажаната болничка помош, таа е пуштена на домашно лекување.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани