Виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек синоќа приредија незаборавна музичка вечер во Камерната сала на Македонската филхармонија. Концертот се одржа во рамките на концертната дејност на НУ „Охридско лето“, надвор од редовната фестивалска сезона.
Публиката имаше можност да ужива во внимателно одбран репертоар со дела од различни стилски периоди, преку кои двајцата уметници ја демонстрираа својата виртуозност, музикалност и извонредна интерпретација.
Со беспрекорна техника, сценска енергија и впечатлива музичка комуникација, Патира и Курек ја воодушевија публиката, која нивниот настап го награди со долги аплаузи.
Особен впечаток остави музичката интеракција меѓу двајцата уметници, чии изведби се надополнуваа во хармонична целина.
Мариуш Патира во 2001 година ја освои главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“, станувајќи првиот полски виолинист кому му припаднало ова признание. Во текот на својата кариера настапувал на реномирани концертни сцени во Европа, Јапонија, САД и Мексико.
Радослав Курек, пак, е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на бројни меѓународни признанија, со богата концертна кариера и настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.
Со овој концерт „Охридско лето“ ја продолжува својата концертна дејност и надвор од редовните фестивалски денови, традиција започната минатата година.
Настанот се реализираше со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, а влезот беше бесплатен. На овој начин, фестивалот им овозможи на љубителите на класичната музика пристап до врвни уметнички содржини, истовремено изразувајќи благодарност за поддршката и довербата на публиката.
Концертната програма продолжува на 4 декември во Музејот на македонската борба за самостојност, каде што ќе настапат извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.


