AdvenTour II: Охрид и Струга за инклузивен туризам

Туристичките доживувања да бидат достапни за сите – без оглед на возраста или физичките ограничувања. Ова е во фокусот на проектот AdvenTour II – „Достапна авантура преку границите“, кој ги поврзува Северна Македонија и Грција во иницијатива за развој на попристапен, инклузивен и одржлив туризам.

Во рамките на проектот денеска во Охрид ќе се одржи Инфо ден, на кој граѓаните, туристичките работници, локалните организации и институциите ќе можат да се запознаат со активностите и можностите што ги носи иницијативата. Презентациите ќе се одржат во 13 часот на базенот „Атина Бојаџи“ и во 17 часот на пристаништето во Охрид.

Посебен акцент е ставен на лицата со попреченост и лицата со намалена подвижност, со цел туристичките дестинации да станат места каде пристапноста нема да биде само инфраструктурно прашање, туку дел од целокупното туристичко искуство.

Проектот предвидува подобрување на пристапноста на туристичките локации и доживувања, обезбедување адаптирана опрема, но и обуки, менторство, практично учење и размена на искуства за туристичките работници и останатите чинители во туризмот.

Од иницијативата порачуваат дека пристапниот туризам значи многу повеќе од отстранување на физичките бариери – потребно е секој посетител да се чувствува добредојден и да има можност целосно да ја доживее дестинацијата.

Активностите во следниот период ќе се реализираат во Охрид, Струга и Нимфео, а преку прекуграничната соработка меѓу Северна Македонија и Грција се очекува размена на знаења, искуства и добри практики што ќе придонесат кон создавање попристапна, поинклузивна и поконкурентна туристичка понуда.

AdvenTour II – „Достапна авантура преку границите“ го спроведуваат YMCA Thessaloniki, Greek National Tourism Organisation, Општина Охрид, Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Скаут асоцијацијата „Крсте Јон“ – Струга.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани