Бесплатниот телефонски број е 0800-00-201.
Во насока на доследно и целосно почитување на уредбите на Владата на Република Северна Македонија, односно мерките и активностите за справување со пандемијата со коронавирус, Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека е ставен во функција бесплатниот телефонски број 0800-00-201 и меил адресата mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, на кои граѓаните анонимно можат да пријават групирање и организирано прославување во текот на претстојните празници. Имено, граѓаните можат да пријават (локација) и недозволено собирање на луѓе спротивно на мерките пропишани за справување со пандемијата.

Полицијата ќе постапи по пријавите и ќе преземе мерки во координација со јавното обвинителство за санкционирање на непочитувањето на мерките и препораките кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести односно Одлуките кои ги носи Владата на Република Северна Македонија.
– Министерството за внатрешни работи ја цени заложбата на граѓаните во насока на спречување на пандемијата и зачувување на јавното здравје и уште еднаш смета на партнерската улога која ја имаат граѓаните со полицијата. МВР во пресрет на претстојните празници уште еднаш апелира до граѓаните да се воздржат од групни собирања и прослави, да ги почитуваат мерките на Владата, а се со цел заштита на индивидуалното и јавното здравје, изјави м-р Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

