Бурна реакција во јавноста предизвикаа две ученички сестри , кои вчера за прв пат со превез отидоа во ОУ „Братство и единство“ во Охрид.
Од училиштето им било пренесено дека согласно законот недозволиво е да се носат верски обележја во образовна институција. Биле замолени од следниот ден настава да посетуваат без превез.
На тоа реагирале родителите кои се жалеле до народниот правобранител. Правобранителот ја осуди постапката и бара училиштето да им дозволи на ученичките да следат настава со шамија.
-„Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права дозволуваат слобода на вероисповед и слобода на изразување на религијата, а според Конвенцијата за правата на детето, слободата на манифестирање на вероисповедта може да потпаѓа само под ограничувања предвидени со закон, а вакви ограничувања не се предвидени со Законот за основно образование и со останатите позитивни законски прописи“, стои во рекацијата на народниот правобранител Иџет Мемети.
Во историјата на училиштето последниве 70 години , кое е пример за соживот, ниту една ученичка не дошла со превез, бурка или шамија. Овој случај според директорот Муамер Доко има политичка заднина.
-Ние немаме ништо против верските обележја и определба но носење верски обележја е спротивно на законот. Сметам дека овој случај има политичка заднина , вели директорот Муамер Доко.
Реагираа и од Министерството за образование. Ако постојат сознанија дека директорот ги повредил правата на учениците ќе се бара одговорност.
-„МОН укажа на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обрските на учениците. При тоа, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи“, стои во дописот од МОН.
Директорот најави дека за утре е закажана вонредна седница на Управниот одбор на училиштето на која ќе се разговара за овој настан.
Новинар Соња Рилковска