Четврто издание на Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“.
По четврти пат, во среда, 29-ти јуни, ќе се одржи Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“ организиран од охридскиот градски хор „Вокс Лихнидос“. И овој пат со репертоарот ќе промовираат различни јазици, култури и традиции. Премиерно изведат современа композиција со фолклорни елементи од охридскиот композитор Гоце Гавриловски, влашка песна заедно со детскиот мултиетнички хор, турска народна песна и стара андалузиска песна. Со придружба на хорот, премерно ќе биде изведена и обработка на композиција од Тоше Проески на охридскиот саксофонист Горан Папаз. Покрај домаќините, ќе гостуваат и членовите на мешаниот хор КУД „Светозар Марковиќ“ од Нови Сад, хорот „Атендите“ при Културниот центар Кикинда од Србија, потоа од Естонија доаѓа детскиот машки хор од националната опера, женскиот младински хор при МКЦ Скопје и детскиот хор „Св.Кирил и Методиј“ од Велес. Фестивалот ќе се одржи во катедралната црква „Св.Софија“, почетокот е во 20:00 часот, а влезот ќе биде слободен. Охрискиот градски хор во 2020 година одбележа 55 години од постоењето, од 2015 година го носи името „Вокс Лихнидос“ и е успешно предводен од диригентот Бурим Хидри.