Црвен крст Охрид со свечен настан ќе одбележи 30 години од имплементацијата на програмата ЦКА-ПХВ на локално ниво и 30 години постоење на Клубот на млади на Црвен крст Охрид.
Свеченоста ќе се одржи на 28 септември, со почеток во 19:30 часот, во големата сала на НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид, а вратите за посетителите ќе бидат отворени од 19 часот.
Програмата ќе биде посветена на луѓето, идеите и активностите кои низ годините го градат и развиваат младинското движење во Црвен крст Охрид. Во рамки на настанот ќе настапи бендот на Црвен крст Охрид, ќе биде изведена претстава од драмската екипа „Вдиши театар“, а ќе се претстават и алумни на организацијата, поранешни волонтери и активисти.
Настанот ќе биде и своевидна средба на повеќе генерации кои низ годините биле дел од Црвениот крст и Клубот на млади. Организаторите ги покануваат граѓаните да присуствуваат и да го проследат јубилејот.
