Во рамки на социјално-хуманитарната дејност, Црвен крст Охрид организира хуманитарна собирна акција по повод одбележувањето на Недела на солидарност, која ќе се одржи од 13 до 19 април 2026 година, под мотото „ВАШИОТ ПРИЛОГ – ЗНАЧАЈНА ПОМОШ“.
Целта на акцијата е подигнување на свеста кај граѓаните за потребата од помош и поддршка на ранливите категории, како и обезбедување конкретна помош за оние на кои таа им е најпотребна.
Хуманите сограѓани, компании и институции можат да се вклучат со донација на прехранбени производи, средства за хигиена, облека и обувки, кои може да се достават во просториите на Црвен крст Охрид на ул. „Димитар Влахов“ 52, секој работен ден од 8 до 16 часот.
Дополнително, граѓаните можат да донираат и 100 денари со повик на телефонскиот број 143-400.
Со секоја донација се овозможува поддршка за што поголем број лица на кои помошта им е најнеопходна.

