Црвена Вода подготвено за прославата на 3 октомври – Патрониот празник на општина Дебрца.
На 3 октомври 1943 година во селото Црвена Вода беше донесен Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, тогаш командуван од генералот Михајло Апостолски.
Во документот, беше претставена платформата на НОВ и ПОМ, во поглед на државноста на Македонија и целите на револуцијата.
Неколку години наназад, со низа свечености 3 октомври, како свој патронен празник, го одбележува Општината Дебрца.
Во селото Црвена Вода, прославата се организира пред зградата на училиштето, од каде е испратен Манифестот и на која стои спомен плочаза овој и други настани од НОВ и ПОМ.
Во пресрет на прославата од 3 октомври, вчера, претставници на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста, од Општинската организацијата на Сојузот на борците – продолжувачи на традициите на НОВ и ПОМ, за Охрид и Дебрца, како и од Партијата на пензионерите од Охрид, организираа еднодневна акција за средување на дворот пред училишната зграда и внатрешните простории, во кои има две ликовни постановки. Едната за НОВ и Револуцијата и втората за Ванчо Николески, родоначалник на македонската детска поезија, роден во Црвена Вода.
Во уредувањето и чистењето учествуваше и екипа на Комуналното јавно претпријатие на општина Белчишта, како и селаните кои сеуште живеат во Цврена Вода.
Претседателот на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста за Охрид и Дебрца, полковникот во пензија Добре Велјаноски, на најстариот учесник во акцијата, црвеновочанецот Ристо Наумоски, му врачи посебна Плакета на Здружението.
На крајот, сето тоа, заврши со заедничко дружење, пеење на македонската химна, песни, шеги и досетки, и многу вкусен ручек.
автор Веле Митаноски