Денот на рибарите – вековна традиција што го поврзува Охрид со езерото

Со одбележувањето на „Денот на рибарите“,  во Охрид завршија богојавленските празнувања. Овој ден, длабоко вкоренет во охридската традиција, симболично е посветен на рибарите кои, според обичајот, влегуваат во водите на Охридското Езеро. Во минатото, токму со овој празник се означувал завршетокот на мрестот на пастрмката и почетокот на риболовната сезона.

Иако поради важечката забрана за изловување риба, денешното одбележување немаше рибарски улов, охриѓани празникот го прославија во духот на традицијата – со староградски песни, греана ракија и охридски специјалитети. Среќниот фаќач на Светиот крст, заедно со својата дружина, се искапе во осветените води кај Сараиште, што беше еден од највпечатливите моменти на денот.

Постарите жители на градот со носталгија се потсетуваа на некогашните прослави и обичаи, кога рибарството било начин на живот. Рибарите, пак, велат дека рибниот фонд постепено се обновува, но нагласуваат дека се потребни континуирани и почести порибувања за целосно закрепнување на езерото.

Покрај охриѓани, манифестацијата привлече и бројни посетители од земјава и од странство, кои со воодушевување ја следеа традицијата што со години се негува и пренесува од генерација на генерација.

Според сведоштвата на старите охриѓани, „Денот на рибарите“ е симболичен чин на почит и благодарност кон езерото – извор на живот, традиција и идентитет на градот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани