Започнува 8-мата сезона на „Ги запознаваме ретките болести“

Постојат дијагнози кои се ретки, но потребата од надеж, поддршка и солидарност мора да биде постојано присутна. Со силна и емотивна визуелна порака од медицински експерти од целиот свет, на 1 февруари официјално започнува осмата сезона на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2026“.

Годинава, кампањата добива силен меѓународен печат. Во официјалното видео, доктори од различни земји, со дланки обоени во симболичните бои на ретките болести, испраќаат порака дека науката и човечноста не познаваат граници. Обоените дланки се симбол на поддршка и ветување дека пациентите со ретки болести не се сами во својата тивка борба.

Кампањата е предводена од граѓанскиот активист Гордана Лолеска и здружението „Ретко е да си редок“, во соработка со здружението „Живот со предизвици“. На 1 февруари, низ државата, бројни знаменитости ќе бидат осветлени во боите на ретките болести и ќе светат во текот на целиот месец, симболизирајќи ја будноста на општеството и потребата од поголемо разбирање за овие пациенти.

„Осмата сезона е доказ дека истрајноста е посилна од секој предизвик. Обоените дланки на докторите се симбол на прифаќање и разбирање. Нашата цел е знаењето да го победи стравот, а едукацијата да отвори пат кон подобра терапија и достоинствен живот за секој поединец со ретка дијагноза“, изјави Гордана Лолеска, претседател на здружението „Ретко е да си редок“.

Како и во изминатите години, кампањата ќе има силна едукативна и стручна компонента. Во текот на февруари ќе бидат објавувани нови текстови и видеа за ретки болести, подготвени во соработка со врвни специјалисти од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ и регионалните болници. Сите содржини ќе бидат достапни на македонски и албански јазик, со цел информациите да стигнат до што поголем број семејства.

Организаторите упатуваат апел до медиумите и јавноста да ја поддржат кампањата и да помогнат гласот на лицата со ретки болести да биде слушнат погласно од кога било досега.

 

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани