Маж од САД е осуден на 10 години затвор бидејќи брутално го претепал своето куче со име Папи До, кое, поради тежината на повредите, морало да биде убиено со инјекција.
Како што пренесуваат американските медиуми, Радослав Черкавски (36) на 27 март годинава бил прогласен за виновен по 12 точки од обвинението за суровост кон животните. Кога по 10 години ќе го напушти затворот, ќе се активира дополнителна двегодишна условна казна, а исто така забрането му е до крајот на животот да дојде во контакт со некое животно.
Неговото куче било мелез од пит бул и имало една година кога во локалниот парк било пронајдено со скршени коски, убодна рана и расечен јазик. Черкавски го измачувал кучето со глад, а случајот ги шокира јавноста и активистите за правата на животните, кои несреќното куче го нарекоа Папи До. Обвинителите побараа затворска казна од 10 до 15 години, а адвокатот на Черкавски побарал од четири и пол до пет години, со образложение дека неговиот клиент добивал закани во затворот, пренесува Точка.мк.
-„Кај нас иако постојат закони, до сега никој не бил казнет со затворска казна за малтретирање животно. Кај нас таквите се уште слободно шетаат иако се закана за сите. Оној кој е во состојба да малтретира и да се изживува врз животно, способен е истото да го направи и на човек. Но далеку сме ние од ова сознание, далеку“, коментираат од здружението Анималиа.