Во врска со денешните зачестени гласини дека СВР Охрид презема мерки за евакуација на граѓани, пред малку соопштение испрати портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Портпаролот категорично ги итфрли таквите гласини и напомена дека се работи за шпекулации кои се крајно непродуктивни во овој момент и кои одат на штета на граѓаните.
-Посебно напоменувам дека СВР Охрид нема упатено насоки и препораки до граѓаните за напуштање на нивните домови и работни простории ниту пак презема било какви мерки за евакуација на институциите и граѓаните, изјави Димоски. Замолуваме, да не се шират такви лажни и други, за овој момент, крајно несоодветни информации, повикуваме на смиреност а со граѓаните ги споделуваме советите и препораките на стручњаците од Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, дека нема простор за паника и дека не се очекуваат земјотреси со поголема јачина, освен афтершокови кои можат да потраат извесен период како и нивното дополнување дека сепак, земјотресите, сеуште неможат да се предвидат, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Инаку, Секторот за внатрешни работи Охрид, денеска учествуваше на координативниот состанок на Кризниот штаб, Локалната самоуправа и претставници одИнститутот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје. Како дел од Кризниот штаб, СВР Охрид презема мерки што се делокруг на работа на полициските службеници а во овие моменти ги прима и насочува граѓаните кои сакаат да пријават оштетувања од земјотресите и ги советува граѓаните согласно дадените насоки од експертите од Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје.
Димоски, посебно нагласи дека СВР Охрид, заедно со другите институции позитивно, конструктивно, целосно и транспарентно делува во интерес на граѓаните, службата е комплетно посветена на справување со вознемиреноста и другите последици од зачестените земјотреси. СВР Охрид, повикува на смиреност, да не се шири паника и да се почитуваат дадените препораки од Кризниот штаб како и од Црвен крст за постапување во случај на земјотрес. За било какви информации граѓаните може да се обратат на телефонските броеви на Центарот за управување со кризи 195 и полиција 192.