Донев: Кабинетот на Георгиески претворен во КОВИД-тим со незаконски договори

Кабинетот на Георгиески претворен во КОВИД-тим со незаконски договори нè чини фантастични 190.000,00 денари месечно, обвини на денешната прес конференција претседателот на ВМРО ДПМНЕ Охрид Сашо Донев. 

 

-Не се сите исти, има чесни и посветени вработени во администрацијата на локалната самоуправа и вработените во јавните претпријатија кои секојдневно посветено работат со цел системот да функционира, а се минимално платени за својот труд. На многу Георгиески им ветил, а не ги ангажирал работно со образложение дека нема пари за таа намена. Но, за тие што сакал навистина пронашол начин и во духот на нивната изборна парола МОЖЕЛ!

Со желба да ги вдоми партиските послушници на СДСМ склучил четири незаконски договори кои се недозволени во таа форма и истите се со нејасни цели и фиктивни работни задачи. Ангажирани лица според договорите се најблиските соработници од кабинетот на градоначалникот. Правен консултант од кабинетот на Георгиески и координатор на Општинскиот кризен штаб за заштита на населението од КОВИД-19 за својот ангажман ќе добива фантастични 60.000,00 денари плус да му биде платен и персоналниот данок. За споредба толкава плата не добива ни Директорот на Општата болница.

Економски консултант од кабинетот на Георгиески за справување со економските последици од коронавирусот за својата работа ќе добива 40.000,00 денари плус платен персонален данок.

Исто толку ќе добива и консултантот во кабинетот на Георгиески, давател на интелектуални услуги за намалување на негативните економски последици од КОВИД-19. И на крајот 30.000,00 денари плус данок ќе добива вршителот на инетелктуални работи во Општината, за потребите на кризниот штаб како дел од кабинетот на Георгиески задолжен за односи со јавност.

Кабинетот на Градоначалникот сега претворен во КОВИД-тим нè чини фантастични 190.000,00 денари месечно.

Ги повикуваме стручните служби на општина Охрид веднаш да ги прекинат исплатите по овие договори затоа што и тие знаат дека се незаконски и дека еден ден ќе има одговорност за ова! Ние ќе ја известиме Антикорупциска комисија за ова беззаконие, а очекуваме и ОЈО Охрид по допрен глас да отвори истражна постапка за ваквите договори, повика Донев. 

Social profiles