Со личен „пример“, баба, на внучето му одржа час по безбедност во сообраќајот.
Баба, држејќи го за рака своето внуче, буквално го прошета малиот низ кружниот тек кај „Охридска банка“ и на тој начин лично му покажа и го „научи“ како во иднина треба да се движи по улиците и сообраќајниците. „Совесната“ баба,му помогна на малолетниот внук да ги прескокне заштитните огради од кракот кон „7 ноември“ и, откако го направи истото, лежерно држејќи го за рака детенцето, како да е по чаршија, по средина на сообраќајницата си дојде на „сигурно“ поточно на средината на кружниот тек. Тука, бабата се прошета со внучето кон кракот за „Македонски просветители“ према „Корнер“ па откако се предомисли, се врати неколку чекори назад, почека да поминат неколку возила и откако се осигура дека е „безбедно“, го помина коловозот кон зградата „Печијаре“ и повторно му помогна на внучето да ја прескокне заштитната ограда. Потоа, и бабата прескокна и заедно со детенцето продолжија по тротоар на „Македонски просветители“.
И што да се каже после оваа сообраќајна „лекција“? На што го научи бабата својот внук, што му покажа, го научи ли каде е пешачкиот премин каде треба вистински безбедно да се преминува улицата? Бабата, со ова „салто мортале“ го доведе во опасност својот внук но и самата себе,покажа крајна несовесност, незнаење и немање сообраќајна култура. Вистинска среќа е што на детенцето и бабата, не налета некое возило.
Затоа, драга бабичке, еден добронамерен совет : уште денеска, внучето за рака и пробај на истиот кружен, да ја исправиш огромната грешка што ја направи и да го прошеташ детенцето прописно-безбедно и да му покажиш дека пешачкиот е единственото место каде треба да се преминува улица. Да ги учиме децата-нашата иднина, на вистинска сообраќајна култура, само така, ќе имаме беспрекорна сообраќајна безбедност.




