ФОТО: Се одржа хуманитарната акција „За посреќно детство“

Во ритамот на хуманоста, зачинето со спорт, забава, дружење, едукација, пулсираше денес градскиот плоштад во Охрид, при одржувањето на хуманитарната, спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ која во организација на Црвен крст Охрид и во партнерство со Стоматолошкиот центар „Др. Баткоски“ по 14 пат се одржува во Охрид
Акцијата започна со „главна трка“ по Кејот Македонија за да продолжи со натпревари во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, пикадо, вртење хулахоп, скокање со јаже. За прекрасната забава се погрижија Стела и Сани, распеани Рибарчиња, а воодушевување кај младите предизвика и настапот на охридскиот пеач Пајак.
Презентации на ракометните вештини имаа ракометните школи Вардар-Охрид и Седмерец. На градскиот плоштад свое катче имаа и Едукативните програми „Час за приказни“ (Story hour), Полетарче на Црвен крст Охрид како и Центарот за развивање животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид, а своите креативни цртачки способности ги искажаа многу дечиња во едукативното уметничко катче. Бројните посетители не останаа рамнодушни на настапите на аниматори, кловнови и на бројните вредни награди за кои се погрижија од Стоматолошкиот центар Др. Баткоски и нивните партнери. Корисни совети и препораки за медицински третмани имаше на штандот на Референтниот центар на Жан Митрев клиник во Охрид, а Орифлејм-Македонија ги промовираше своите природни препарати за нега на кожата.
Сите оние кои купиле учеснички број учествуваат во големата наградна игра на Црвен крст Охрид со преку 20 вредни награди кои ќе бидат извлекувани во втората половина на месец октомври, во емисија во живо. Оние кои сакаат да се дел од големата наградна игра, а не стигнале до сега да обезбедат учеснички број, истиот можат да го купат во просториите на Црвен крст Охрид најдоцна до 15.10.2024.
Црвен крст Охрид изразува благодарност до партнерот Стоматолошки центар „Др.Баткоски“ и сите општествено одговорни поединци, фирми институции, кои ја помогнаа и поддржаа реализацијата на хуманитарната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани