ФОТО: Во Пустец се одржа Македонски фолклорен фестивал „Преспа“

Со развиорени македонскии знамиња, македонски фолклор, песна и оро вчера во Пустец беше отворен Македонскиот фолклорен фестивал Преспа.

На отворањето присуствуваше премиерот Христијан Мицковски, пратеници од Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков.

Овој фестивал ги обединува фолклорните друштва од регионот, но и љубителите на македонските песни и ора. На фестивалот учество зедоа и фолклорни друштва од Охрид.
-Драги пријатели од Пустец и Мала Преспа, денес, кога стојам пред вас, не зборувам само како премиер, зборувам како човек што верува дека една нација ја чини токму ова, врската меѓу луѓето кои ја чувствуваат како своја, без разлика каде живеат. Во изминатите децении, многу работи се менуваа. Политики, влади, граници. Но вие останавте доследни. Овде, македонскиот јазик не е нешто што се одржува по навика туку нешто што се пренесува со љубов. Овде, песната, обичаите, спомените, се дел од живото секојдневие. Жалам што пропагандите што го следат Македонецот низ историјата не ве заобиколија. Ги видовте, ги почувствувавте, ги живеевте преку замени, преку притисоци, преку тивки, но упорни обиди да се разниша она што е ваше. Но уште повеќе, горд сум што не потклекнавте. Не ја прифативте удобната заборавеност. Не се срамевте од себе. Не дозволивте никој да ви го дефинира идентитетот наместо вас. И за тоа, ви се поклонувам. Се вели дека една држава ја покажува својата зрелост преку тоа како се однесува со оние што не ѝ се во центарот. Ние, денес, сакаме да покажеме дека учиме од минатото. Дека сакаме да воспоставиме нов однос со вас, не декларативен, не симболичен, туку вистински. Со поддршка што ќе се гледа, со соработка што ќе се чувствува, и со внимание што нема да згасне веднаш по оваа средба. Пустец е доказ дека припадноста не се брише. Дека коренот останува, дури и кога над него дуваат силни ветрови. Ви благодарам што ја носите таа тишина исполнета со сила. Ви благодарам што останавте свои. И ви ветувам – оваа држава ќе знае да ви возврати со почит, со работа и со постојана поддршка, рече во своето обраќање Мицковски. 
Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани