Георгиески и Филипче во посета на охридската болница

 

Министерот за здравство,  д-р Венко Филипче и градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески, денеска ја посетија Општата болница во Охрид, каде што кон крајот на 2019 година во оваа јавно-здравствена установа се отвори нов Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар, со поддршка од бугарската амбасада и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“.

– Во новиот Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар работат експерти од оваа област, дефектолози, психолози и невропсихијатри и веќе се третираат 40 деца од целиот регион на Охрид, Струга, Кичево и Ресен. Станува збор за единствен Центар во овој регион, којшто беше навистина потребен, бидејќи досега ваква експертиза на едно место, во вакви услови со специјална сензорна соба, немаше во овој дел од нашата држава. Исто така, во рамки на посетата, со директорката разговаравме за натамошно зајакнување на капацитетите на Општата болница во Охрид, по огромниот број приеми и дадени специјализации, продолжуваме со инфраструктурно зајакнување. Во периодот што следи ќе ја почнеме постапката за набавка на апарат за магнетна резонанца, што ќе биде прв апарат за МР во Охрид и е исклучително важен за жителите на овој град, како и за целиот регион, имајќи во предвид дека огромен број интервенции коишто бараат вакво снимање се спроведуваат во оваа болница и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, во која се вршат многу комплексни ортопедски интервенции, изјави при денешната посета министерот Филипче.

 

-Многу ми е драго што заложбите на општина Охрид за креирање на општество кое нуди еднакви можности за сите, се поклопија со идејата на Здружението „Во мој свет“ и Министерството за здравство на Република Северна Македонија за отворање на ваков вид центри во Охрид. Со отворањето на двата центри, овој за рани интервенции и третман кај децата со нарушување од аутистичен спектар и оној за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција за возрасни лица со атуизам, значително го подобруваат животот не само на лицата со аутизам, туку и на нивните семејства.

Ваквите проекти придонесуваат за забрзана интеграција и полесно совладување на пречките низ животот. Со отварањето на двата центри и низа други проекти кои ги опфаќаат лицата од овие категории, како општина, покажуваме голема зрелост, но и посветеност во пружањето на неопходната помош за нормално функционирање, истакна градоначалникот Георгиески.

Регионалниот центар за третман на деца со аутизам во моментот го посетуваат повеќе од 40 дечиња од Охридскиот регион. Носител на проектот за отворање на овој центар е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство, а реконструкцијата и опремувањето беше финансирано од страна на амбасадата Република Бугарија.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани