На 15-ти октомври имаме локални избори, но истовремено и референдум.
Можеби со драконски и незаконски владини забрани ќе се спасат од референдумите за мигранти, но нема да се спасат од референдумот на народот, референдумот за новата ера и новото утро за Македонија кое доаѓа, кое никој не може да го задржи, зад кое стои овој народ и луѓето кои веќе направија споредби, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој се одржа во Охрид од каде Коалицијата „За подобра Македонија“ ја започна изборната кампања.
-Охриѓани нема да ја пропуштат шансата да го одберат доктор Митко Тилевски за градски татко, а целиот народ има единствена можност на 15 октомври да каже што мисли за она што и се случува на Македонија, за хаосот, за безредието, за неспособноста, за лажењето, за неисполнувањето на ветеното, за манипулирањето, за хајките, за злоупотребите од новата власт, за договорот со Бугарија, за неуставните закони со кои се манипулира, за криминалите и тендерите на газдите во владата, за беснеењето, за начинот како наумиле да се реши името, за колапсот на економијата, за начинот како избраа претседател на Собранието на Република Македонија и како избраа влада, за одењето спротивно на волјата на народот, за потценувањето на нашата, на вашата интелегенција и интегритетот, за новосоздадениот хаос во здравството, безидејноста и незаинтересираноста за решавањето на проблемите, за помрачувањето кое и се случи на Македонија. Ќе се изберат градоаначалници и советници, но народот ќе го каже своето мислење за сето она што и се случува на Македонија, нагласи Груевски.
Тој додаде дека во исто време, народот ќе може да се искаже и за новата визија, на енергетизираното, освежено и реорганизирано ВМРО-ДПМНЕ.
-За новата енергија која доаѓа со нова ера, која носи 150.000 нови работни места, повисоки плати, пензии, субвенции, поквалитетно образование, здравство, и екологија, посилна демократија, членство во ЕУ и НАТО. Нова ера која носи нови успеси и нови победи, и која може да ја исполни само оној кој вели и живее со тоа, секогаш работа, секогаш Македонија, потенцираше Груевски.