Со свечена литија и годинава ќе се одбележи празникот посветен на „Свети Георгиј Победоносец“, која ќе се одржи на 7 мај, веднаш по Ѓурѓовден.
Светите мошти, кои се чуваат во манастирот во Рајчица, напладне ќе пристигнат во струшкиот храм „Свети Георгиј“, каде ќе бидат изложени за поклонение на верниците. По вечерната служба, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, заедно со архиереи и свештенство, ќе започне и традиционалната поворка низ градот.
Маршрутата на литијата ќе ги опфати централните градски улици, движејќи се покрај кејот на Црн Дрим и низ старата чаршија, по што повторно ќе заврши во дворот на црквата.
Годинава, организаторите најавуваат побогата и поатрактивна поставеност на поворката. На чело ќе се движи полициско возило како симбол на заштитништвото на светецот, а веднаш зад него ќе настапи коњаник облечен во римска воена опрема, со улога да ја најавува и обезбедува колоната.
Во составот на литијата ќе се вклучат млади облечени во црковни одежди, носители на знамиња и рипиди, како и граѓани кои ќе ја носат чудотворната икона на светителот. Ќе следуваат и музички настапи од дувачки оркестри, како и присуство на монаштвото од епархијата.
Дополнителен колорит ќе внесат и членовите на културно-уметничките друштва од Струга и Вевчани, облечени во автентични народни носии, кои за првпат се дел од оваа духовна манифестација.
Во завршницата на поворката ќе се движи украсениот епитаф со моштите на свети Георгиј, по што ќе следува бројниот верен народ.
Ова издание на литијата ќе има и хуманитарна димензија, при што ќе се собираат средства за помош на лица во потреба.
По завршувањето, за присутните ќе биде организирана културно-уметничка програма во дворот на храмот, со што ќе се заокружи одбележувањето на овој значаен ден за верниците.
