Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со Одделението за сајбер безбедност при МВР, информира дека во изминативе денови е забележана зачестена појава на измамнички пораки испратени до македонски корисници.
Станува збор за пораки испратени од странски телефонски број (+639606963624), во кои лажно се тврди дека корисникот има регистриран сообраќаен прекршок, по што се бара негова наплата преку платежна картичка на сомнителна веб-страница.
Линкот од пораката води до лажна страница која се претставува како МВР, каде од граѓаните се бара да внесат регистарска табличка од возилото. Потоа, корисниците се пренасочуваат на нов прозорец каде им се прикажува наводен прекршок и се бара уплата од 1.500 денари.
Од МВР апелираат:
- Да не се отвораат сомнителни линкови добиени преку пораки
- Да не се внесуваат лични податоци и податоци од платежни картички
- Да се внимава на веб-страници кои не се официјални и верификувани
Дополнително, надлежните предупредуваат и граѓаните и правните субјекти да не отвораат прикачени документи и линкови од непознати испраќачи, бидејќи токму тие се најчестиот начин за извршување на вакви измами.
Надлежните институции апелираат на зголемена претпазливост, со цел граѓаните да не станат жртви на злоупотреба на лични и финансиски податоци.
