Денеска во дел од охридските угостителски објекти беше спроведена заедничка координирана акција помеѓу Комуналните инспектори на Општина Охрид, Инспекторите на Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи од Битола, Државниот пазарен инспекторат и СВР Охрид.
Инспекциските служби вршеле контроли во согласност со своите одделни надлежности, при што биле изготвени соодветни записници. Комуналните инспектори од Општина Охрид изготвиле вкупно 18 записници за угостителски објекти кои не поседувале соодветна документација за поставување на урбана опрема. Истите се задолжени со решенија во рок од 15 дена да се стекнат со соодветна документација. Во спротивно, урбаната опрема која е поставена ќе биде отстранета. Овие инспекциски контроли се продолжение на акцијата за отстранување на нелегално поставена урбана опрема пред угостителските објекти во Охрид, која започна во понеделникот. Во рамки на оваа акција биле изготвени 12 записници и решенија. Ваквите акции и контроли на општинските инспекциски служби ќе продолжат во континуитет и нема да се толерираат угостителските објекти, кои поставуваат урбана опрема на јавни површини и надвор од Програмата за поставување на урбана опрема.