45 хоспитаизирани пациенти се лекуваат на Инфективното и Интерното одделение во Охрид. Бројот и на амбулантни случаи е во пораст, дневно има околу 170 пациенти на преглед.
Дури 90 пациенти заболени со корона вирусот примаат терапија во дневната болница. На одделенијата има уште десетина слободни места, доколку и тие се пополнат ќе се бара помош од другите здравствени установи.
„Тоа го правиме за да може хируршкиот блок да работи нормално а целата болница да работи со онаа нормална патлогија, оперативните зафати се прават со нормален тек со закажани термини едино амбулантните случаи кои не се поврзани со ковид примаат терапија во хируршкиот блок. Имаме заболени медицински сестри и доктори меѓутоа по пат на ротација од другите оддели се обидуваме да го надоместиме тој недостиг онаму каде што треба“, вели д-р Горан Балевски директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.
Хоспитализираните се главно постари лица со други коморбидитети, дел од нив се на кислородна поддршка и со тешка клиничка слика.
„Пациентите се главно поастари лица со други коморбидитети моментално сите овие хоспитализирани пациенти се повозрасни со сосема други коморбидитети со други болести, така што се надевам дека нема да имаме помлади пациенти кои што ќе имаат потешка клиничка слика. Имаме доста амбулантни прегледи меѓутоа бројот на хоспитализации е да кажам на некое задоволително ниво“, додава д-р Балевски.
Недостигот на болнички кревети за лекување на ковид позитивни пациенти се должи на затворањето на модуларната болница, во декември, поради прокиснување на кровот. За тоа е известено министерството за здравство, иако се работи за релативно мал зафат, се уште не е извршена санација.
Новинар Соња Рилковска
