ИНТЕРВЈУ АЛЕСАНДАР ПОПОСКИ, В.Д. ДИРЕКТОР НА ЈП ГРАДСКИ ПАЗАР:
РАБОТИМЕ ПОСВЕТЕНО И ТИМСКИ ЗА НАПРЕДОК И РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО.
БЕЗМАЛКУ 5 МЕСЕЦИ СТЕ НА ЧЕЛО НА ЈП ГРАДСКИ ПАЗАР ОХРИД.СО ШТО СЕ СООЧИВТЕ ИЗМИНАТИОВ ПЕРИОД ОТКАКО ЈА ПРЕВЗЕДОВТЕ ФУНКЦИЈАТА?
Откако ја анализирав работата на претпријатието, за жал морам да констатирам дека финансиската ситуација која што ја затекнав не е во стабилна состојба, претријатието е соочено со негативен финансиски резултат од работењето, но сметам дека со одговорна и посветена работа, тимски, сите заедно ќе се заложиме да ги надминеме тешките моменти, бидејќи сметам дека тешките моменти всушност значат напредок и развој и без нив не би можеле да го откриеме својот вистински потенцијал
КАКО ДИРЕКТОР НА ЈП ГРАДСКИ ПАЗАР КОЈ Е ВАШИОТ ПРИОРИТЕТ ЗА УСПЕШНО ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО?
За успешно фуккционирање на претпријатието и надминување на финансиската нестабилност која што ја затекнав , приоритет првенствено би ставил на сведување на минимум на непродуктивните трошоци, зголемување на наплатата преку коректен и одговорен однос со нашите долгогодишни соработници, преку соодветни мерки зголемување на интересот за закуп на тезги, кој очигледно во изминатиот период беше опаднат поради состојбата со ковид пандемијата.
Сметам исто така дека, за остварување на моите цели и идеи за успешно функционирање на претпријатието од големо значење е одличната соработка со локалната самоуправа како и со вработените, која се должи на мојата подадена можност и шанса на секој од нив да го претворат својот талент, амбиција и креативност во нешто што ќе се одрази на главната цел и мисија, а тоа е задоволување на потребите на нашите клиенти, во склоп со дејностите кои ги обавува ова јавно претпријтие.

КОИ СЕ ДЕЈНОСТИ СЕ ВО СКЛОП НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО?
Јавното претпријатие Градски Пазар Охрид функционира како самостојно претпријатие од 13.12.2010 година а основано е заради управување на пазаришта,јавни складови (управување и користење на објекти за складирање,јавни складови,продажен простор), сите видови на пазарни услуги на пазаришта на големо и мало на територијата на Општина Охрид,а неговата основна дејност според Националната класификација на дејности е ,,издавање на сопствен недвижен имот,,.
КАКВИ СЕ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА.ИМАТЕ НОВ ОБЈЕКТ,ЗАТВОРЕН ЗЕЛЕН ПАЗАР…ШТО Е ОНА ШТО НЕДОСТАСУВА?
Сметам дека Новиот Затворен Пазар ги нуди сите потребни услови за нормално функционирање на работата на закупците на тезги во пазарот, како и за овозможување на добра и квалитетна понуда за граѓаните, но сепак преку редовна комуникација со пазарџиите, јас сум отворен за соработка и сослушување на евентуалните недостатоци , како би пристапиле кон нивно решавање на најдобар можен начин. Овде морам да го нагласам проблемот со дивите продавачи односно незаконските тезги надвор од пазарот , за што во соработка со комуналниот инспекторат превзедовме соодветни мерки за нивно отстранување, бидејќи главната цел ни е да ги заштитиме закупците на тезги во пазарот од нелојалната конкуренција.

ПОКРАЈ ЗЕЛЕНИОТ ПАЗАР ОД КАДЕ СЕ ОСТВАРУВА ПРИХОДИ ЈП ГРАДСКИ ПАЗАР?
Благодарение на добрата соработка со локалните власти, претпријатието остварува дополнителни приходи преку многубројните проекти и активности низ градов ,кои за нас во моментов се од големо значење бидејќи значително ја подобруваат финансиската кондиција на претпријатието. Исто така, во процедура е постапка за издавање на типизирани дрвени куќарки во центарот на градот за продажба на храна и сувенири,при што очекуваме исто така зголемување на приходите во периодот што следи. Значителни приходи остваруваме и со изнајмување на паркинг плацот во склоп на Градски Пазар, потоа тезгите во делот бижутерија, штандовите во хала за текстил, како и со изнајмување на деловните простори кои се сопственост на претпријатието.

ЗАДОВОЛНИ ЛИ СЕ ПАЗАРЏИИТЕ ОД УСЛОВИТЕ КОИ ИМ ГИ НУДИТЕ НО И ОД ЦЕНИТЕ КОИ ШТО ГИ ПЛАЌААТ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ НА ТЕЗГА?
Во врска со условите кои им се понудени на пазарџиите сметам дека се задоволени и како што наведов, доколку има било какви недостатоци во секое време сум отворен за разговор и решавање или ублажување на проблемот. Што се однесува до цените кои што пазарџиите ги плаќаат за изнајмување на тезга ќе нагласам дека секој закупец на тезга, штанд или деловен простор, пред да поднесе барање за закуп и пред да потпише договор за закуп , претходно е информиран за цените на услугите кои што ги нуди претпријатито, така што, по ова прашање сметам дека и ние како даватели на услуги и закупците како корисници, немаме никаков проблем.
ДАЛИ ИЗГРАДБАТА НА ПОКРИЕНИОТ ГРАДСКИ ПАЗАР ЗНАЧИ ПОГОЛЕМ ИНТЕРЕС КАЈ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ И ТРГОВЦИТЕ ДА ОСТВАРУВААТ ЕГЗИСТЕНЦИЈА ОДНОСНО ДАЛИ ПОДОБРЕНИТЕ УСЛОВИ ЗА ПРОДАЖБА НА НИВНИТЕ ПРОИЗВОДИ ГО ЗГОЛЕМУВА ИНТЕРЕСОТ КАЈ ГРАЃАНИТЕ ДА ЗАРАБОТУВААТ НА ОВОЈ НАЧИН?
Пазарот со својата долгогодишна традиција, опстојувал и ќе опстојува и во иднина, но секако се што е новитет, како отварањето на новиот затворен зелен пазар и подобрените услови за работа кои што ги нуди, значи и поголем интерес на земјоделците и трговците за вршење на нивната дејност.
ДАЛИ ПОДГОТВУВАТЕ ВОВЕДУВАЊЕ НА НЕКОИ НОВИТЕТИ ВО РАБОТЕЊЕТО?
Од воведување на новитети во работењето, размислувам за отварање на повеќе дисперзирани мини пазари на повеќе локации во градов и околината бидејќи реално маркетите со овошје и зеленчук одземаат дел од прометот на зелениот пазар веројатно поради местоположбата на градскиот пазар во центарот на градот.
ПРЕД ПАНДЕМИЈАТА ИМАШЕ ВЕЛИГДЕНСКИ САЕМ. ДАЛИ ЌЕ СЕ ОДРЖИ И ГОДИНАВА?
Да, во план сме да почнеме со подготовките на седмиот по ред Велигденски Саем кој прерасна во една убава традиција, еден прекрасен празничен хепенинг кој со поддршка на Општина Охрид го организираме во духот на најголемиот Христијански празник – Велигден. Со ослободувањето од мерките кои неопходно беа спроведувани поради ковид пандемијата, мислам дека Велигденскиот Саем ќе дојде како вистинско освежување за градот и за најмладите пред се.
ИМА ВО СВЕТОТ СТОЧЕН ПАЗАР,МЛЕЧЕН ПАЗАР, АВТО ПАЗАР… ДАЛИ СЕ РАЗМИСЛУВА ВО ТАА НАСОКА ВО СКЛОП НА ЈП ДА ИМА ВАКВА ПОДЕЛБА ОДНОСНО ПРОШИРУВАЊЕ НА ДЕЈНОСТА?
Секако, покрај подружницата Мини Пазар која е лоцирана на ул.,,Сирма Војвода,, во план сме и размислуваме за пронаоѓање соодветна локација за основање на кванташки пазар.

КОЈ Е АЛЕСАНДАР ПОПОСКИ, КАКО НАКРАТКО БИ СЕ ОПИШАЛЕ?
Роден сум 28.03.1977 година,оженет,татко на две малолетни деца. Дипломирав на Техничкиот факултет во Битола на сообраќаен смер. Во два мандати бев советник во Советот на Општина Охрид. На функцијата в.д. Директор на ЈП Градски Пазар стапив во ноември 2021 година. Во Градски пазар доаѓам од јавното претпријатие ,,Охридски Комуналец“ каде сум вработен од 2009 година кога „Градски Пазар“ функционираше во склоп на „Охридски Комуналец“ така што не ми претставуваше проблем да се вклопам во новата средина, напротив, новата функција ја доживеав како уште еден голем предизвик во мојот живот.
На раководната функција гледам исклучиво од аспект на врвна одговорност пред должноста и обврските и исклучиво ја доживувам како предизвик на кој мора да одговорам со сите професионални капацитети, работни и етички принципи.
Секако, формулата за мојата посветеност кон работата се должи и на максималната поддршка од моето семејство кое ми дава простор за поголем ангажман во работата.
