Со грандиозниот проект – Концерт на четири тенори, светски познати уметници од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, заедно со Оркестарот на Националната опера и балет, под диригенската палка на Лоренцо Бицари свечено ќе биде отворено 62 издание на Охридско лето.
Фестивалот и годинава најавува 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата програма. Љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма.
-„Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата Света Софија, како и самата Црква Света Софија и Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји Србија, Чешка, Либан, Италија, Словенија , Полска , Франција, Албанија , Аргентина, Турција, Израел, САД, Унгарија, Украина, Шпанија, Австрија, Црна Гора, Грција, Косово, Велика Британија, Германија, Азербејџан, Кина, Шведска, и секако, уметници од Република Северна Македонија“, истакна Наташа Поповиќ директор на Фестивалот „Охридско лето“.
Посебно сме горди што од оваа година за првпат химната на „Охридско лето“ создадена во далечната 1976 година од еден од најпознатите македонски композитори Томислав Зографски, ќе се интонира во изведба на солисти-дувачи од Оркестарот на Националната опера и балет кои ја отсвирија и снимија по оргиналниот нотен запис специјално за потребите на „Охридско лето“, додаде Поповиќ.
Најпрестижната културно сценска манифестација во земјава, фестивалот Охридксо лето и годинава ќе брои над 1000 уметници од 25 земји. Кои ќе настапат на сцените на Антички театар, Долни Сарај и предворјето на катедралната Света Софија.
-„За сите нас музичките уметници, претставува гордост да се настапи на сцените во Охрид. Често сум настапувала на фестивалот и чувството на возбуда пред овие настапи ми е многу познато. Почестена сум што оваа година се наоѓам од другата страна, како селектор на музичкиот дел“, изјави Бисера Чадловска музички селектор.
-„За првпат, доминанти во програмата се жени режисерки. Шест режисерки и четворица режисери со своите претстави ќе дадат печат на ова фестивалско издание. Вкупно десет претстави од кои шест домашни и четири странски претстави кои публиката ќе има прилика да ги погледне. Сите од нив ќе прикажат различни светови, различни приказни, различни сценски јазици“, истакна Сања Арсовска драмски селектор.
Најреномираната манифестација со интернационален предзнак, дел од Европската асоцијација на фестивали во текот на четириесетте фестивалски вечери,ќе донесе совршен спој на музиката, теаатрот и воопшто на уметноста. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти.
Новинар Соња Рилковска