Охрид, покрај тоа што е неповторлив, прекрасен и уникатен во светски рамки, градот како туристичка дестинација се смета за најевтина во регионот.
Страницата за пребарување и сместување во хотели „Trivago“ пред десетина месеци го прогласи Охрид за една од седумте најекономични дестинаци за патување.
Наспроти честите поплаки од домашните гости, кои постојано споделуваат скапи фискални сметки по социјалните мрежи и го критикуваат градот и охриѓани, истражувањата покажуваат нешто сосема спротивно. Охрид е едно од најевтините европски туристички места и по цените на сместување, но и по цените на угостителските услуги.
Во шпиц на сезона апартман во центарот на градот се наоѓа за 20 евра, подалеку од центар има и поевтини. Храната и пијалоците во угостителските објекти и плажите се најевтини во споредба со сите туристички центри во регионот Грција, Црна Гора, а да не зборуваме за европските туристички дестинации.
Ручек за двајца со салата и еден пијалок во ресторан би бил отприлика 800 до 1000 денари во полуксузен угостителски објект, или околу 13 до 15 евра. Со овие пари невозможно е да се руча во грчки ресторан, ниту во ресторан во Црна Гора. Низ Европа за тие пари може да се пие само кафе и вода.
Кафе во Охрид се наоѓа и за помалку од евро, и тоа во центарот на градот еспресо има за 50 денари, најскапото еспресео е 70 денари во полуксузните објекти. Нес кафе околу 100/120 денари, што не е воопшто поскапо од скопските кафулиња.
Охрид не е само обично летувалиште, тој е најстарата населба во Европа, каде има живот во континуитет илјадници години. Градот кој лежи на најстарото и најчистото езеро во Европа, единствен град во светот каде во исто време живееле двајца светители Климент и Наум,градот на првиот универзитет во Европа, на првиот музеј, на првиот карантин, Охрид е град каде секое камче ткае приказна.. Безброј приказни поткрепени со факти.
Токму затоа Охрид е вистински избор!
новинар Соња Рилковска