На 21 октомври 2024 година, со почеток во 19 часот, во галеријата „O3one“ во Белград, ќе биде свечено отворена изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани – Белград“, во организација на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.
Оваа изложба се одржува по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба и има за цел натамошно да го акцентира културното поврзување помеѓу Македонија и државите од регионот.
Изложбата ќе ја отворат Министерот за култура и туризам на Македонија, г. Зоран Љутков, и Министерот за култура на Србија г. Никола Селаковиќ кои ќе ги поздрават присутните гости како и дипломатскиот кор во таа држава.
На изложбата ќе бидат претставени уметнички дела на повеќе од 25 македонски и српски уметници, кои преку својот творечки израз ќе го доловат духот на заедништвото, дијалогот и креативната енергија што ја врзува уметноста во овие две држави.
Изложбата е резултат на долгогодишната успешна соработка меѓу уметничките заедници на двете земји, поттикната од Министерството за култура и туризам и амбасадите на двете држави. Со оваа културна манифестација се оддава почит на македонската уметност и се гради платформа за понатамошна соработка и размена на идеи помеѓу уметниците од Регионот.
Ги покануваме сите љубители на уметноста да ја посетат оваа уникатна изложба и да уживаат во креациите кои ја отсликуваат богатата културна традиција на Македонија и Србија.
Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите 15 години прерасна во значајна културна манифестација на која учество зеле повеќе од 200 ликовни имиња кои поттикнуваат креативност, соработка и културна размена на народите.
