Екипите на ЈП „Комуналец“ секојдневно водат битка со справувањето со дивите депонии во охридскиот регион.
Изминативе неколку месеци отстранети се околу 170 нестандардни депонии во Охрид и охридските села, а подигнати се околу 600 м3 отпад. Во вчерашната акција од водите на реката Грашница беше изваден мебел и покуќнина.
Загрижува тоа што на веќе исчистените црни еколошки точки несовесните граѓани повторно трупаат отпад.
– „Зачестена е таквата појава, денес чистиме другиот ден повторно се прави депонија на истите критични точки кои се мапирани. Во соработка со општинскиот комунален инспекторат , веќе се на терен да ги утврдат аномалиите а целта е решавање да не дојде до повторување. Најчесто се подигнува кабаст отпад и градежен шут,во таа насока со цел решавање на тој проблем од страна на стручните служби е изготвен годишен календар за кревање на кабаст и зелен отпад“ вели директорот Сашо Најдески.
Комуналец ќе воспостави соработка со сите НВО и Здруженија во регионот за заштита на животната средина, ќе се работи на едукација и подигнување на еколошката свест на населението.
-„Охрид заслужува да биде чист, Охрид е бисер на Балканот. Во таа насока се и моите заложби да ги исчистиме дивите депонии, но секако треба да се работи на на подигнување на еко-свеста на граѓаните. Во соработка со еко здруженијата и невладините организации што се во Охрид, во постапка е израбтка на Меморандум за соработка“, додава Најдески.
Од Комуналец апелираат граѓаните да го почитуваат календарот за подигнување на кабаст и зелен отпад во градот и да не создаваат диви депонии.