Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, утре ќе се одржи јубилејната, 10-та по ред, меѓународна ИПА велосипедска рекреативна тура на релација Охрид – Струга – Радожда.
Стартот е закажан за 08:00 часот од градското пристаниште во Охрид, од каде учесниците ќе се движат по охридскиот кеј и низ неколку улици во градот, а потоа по стариот пат кон Струга, покрај Охридското Езеро и низ живописните предели кај Калишта, покрај хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“, сè до Радожда.
Оваа рекреативна велосипедска тура е дел од проектот „ИПА Вело Викенд – На точак, Охрид и Струга да видам“, кој од 2016 година ја промовира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града, како и развој на современа, функционална и безбедна велосипедска инфраструктура во регионот.
Организаторите истакнуваат дека ваквите иницијативи имаат големо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во охридско-струшкиот регион, со што се придонесува за негово позиционирање на меѓународната туристичка мапа.
Од ИПА Охрид упатуваат повик до надлежните институции за посериозно вложување во изградба на велосипедски патеки меѓу Охрид, Струга, Радожда и Пештани, со цел поголема безбедност на велосипедистите и развој на современ велосипедски туризам.
Организаторите ги повикуваат сите членови на ИПА, велосипедски клубови и граѓани да се приклучат на турата и да испратат порака за потребата од безбедна и модерна велосипедска мрежа во регионот.
