Капалиштата треба да бидат безбедни

Капалиштата на брегот на Охридското езеро и оваа сезона мора да бидат безбедни за посетителите.

Иако се уште не се знае како ќе функционираат охридските плажи ова лето, дали ќе бидат слободни како лани, или ќе имаат концесионери Црвениот крст отвори конкурс за обука на нови спасители.

Доколку плажите бидат слободни, за поголема безбедност на капалиштата спасители и медицински тимови со чамци често ќе патролираат и надгледуваат. Мобилните тимови ќе може брзо да интервенираат.

-„Плажите кои што имаат концесионер тие се грижат за безбедноста и се јавуваат за да поставиме спасители. Во сезона имаме околу 60 до 80 поставени спасители. Морам да напоменам дека како и сите проблеми во оваа држава има проблем и со спасителите, односно со младите луѓе кои што змаинуваат во странство и се вработиле на други места. Секоја година имаме се помал и помал број“, вели Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.

Како и секоја сезона и лани бројот на интервенции бил прилично голем. И на вадење давеници од езерото и на давање прва помош. Најмногу давеници се спасени на потегот Горица -Славија, каде што има најголема посетеност.

-„Можам да кажам дека минатата година имавме 12 интервенции со чамец извлекување, најмногу кај Горица трета, тој најфрекфрентен реон Орце Николов, Славија, каде што има голем број посетители, голема гужва и посебно луѓе кои не се пливачи или се несигурни во пливањето. Па имавме доста интервенции, укажување на прва помош преку 1000 интервенции имавме минатата година“ , додава Точков.

Обуката за спасители ќе трае осум дена, а потоа Црвениот крст ќе ги распореди на работа низ охридските капалишта се до крајот на сезоната. Спасителите се вистински херои, изминативе години со својата хумана и благородна професија спасиле стотици животи.
Новинар Соња Рилковска

 

Social profiles