Ќе започне санација на археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид, каде зимава обилните врнежи предизвикаа оштетувања на дел од потпорните ѕидови. Министерството за култура обезбеди средства за ревитализација и конзервација на просторот, како и дополнителни археолошки истражувања, премостување, изградба на нов потпорен ѕид, со што ќе се создадат соодветни услови за достоинствена презентација и промоција на богатото археолошко наследство.
„ Се обруши дел од потпорните ѕидови кон соседните објекти и тоа беше итна ситуација во која моравме да интервенираме. Обезбедени се средства и за таму. Прво треба да се изработи проект со кој ќе се обезбеди едно премостување на двата дела од локалитетот и со тоа ќе овозможиме обединување на двата дела и интегрална презентација на мозаиците што се таму.“, изјави Горан Патчев – директор на НУ Завод и Музеј Охрид.
Проектот предвидува трајно решение за заштита на локалитетот и неговата подобра презентација пред посетителите. Обезбедување, илуминација, а со планираното поврзување на двата дела на локалитетот ќе се создаде единствена археолошка целина.
„Релативно е нов во туристичката понуда на градот. Еден дел веќе беше изложен, добро осмислен и осветлен и претставуваше голема атракција. Меѓутоа, она што го пронајдовме и на другиот дел, со баптистериумот и прекрасните мозаици, ќе формира една прекрасна целина и атракција за градот“, додава Патчев.
Локалитет „Манчевци“,каде што е лоцирана ранохристијанската базилика со вредни мозаични површини е делумно истражен во 2007 година. По конзерваторските зафати и уредувањето на просторот, се очекува да прерасне во уште една значајна туристичка и културна атракција во Охрид.
Новинар Соња Рилковска
