„Од слово до вечност“ мотото на годинашната свечена академија во Охрид

„Од слово до вечност“ е насловена годинашната свечена академија којашто се одржа во Охрид, во древниот црковен храм Света Софија.

По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, премиерот на државата Христијан Мицкоски порача дека делото на Светите браќа Свети Кирил и Свети Методиј претставува темел на една цивилизациска идеја – правото на секој човек да мисли, учи и создава на својот јазик.

Во објава по повод празникот, Мицкоски истакна дека нивното дело не е само историски настан, туку победа на знаењето, духовноста и културата, нагласувајќи дека токму од нив започнува културната и духовната преродба на македонскиот народ.

Премиерот потсети дека Македонија низ историјата опстојувала преку словото, црквата и образованието, а духовниот и националниот континуитет бил чувар на идентитетот и народната свест. Според него, иако Светите Кирил и Методиј му припаѓаат на целиот свет, нивното дело останува доказ за силата на еден народ да се издигне преку знаење, духовност и истрајност.

Во своето обраќање, Мицкоски се осврна и на актуелните општествени состојби, оценувајќи дека образованието, културата и словото не смеат да станат „празна форма“, бидејќи иднината на државата се мери преку образовани и достоинствени генерации.

Тој призна дека постои незадоволство кај граѓаните во однос на испораката на правдата и посочи дека очекува побрзи и поефикасни резултати од институциите.

„Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата. И јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу подобро и со многу побрзи резултати“, наведе Мицкоски.

Премиерот упати и повик за национално и интелектуално обединување околу клучните државни и национални прашања, оценувајќи дека тоа е неопходно за идниот развој на државата.

„Ова е последната шанса за Македонија. Мораме да ја искористиме“, порача тој.

На крајот од објавата, Мицкоски истакна дека јазикот, културата и образованието се најголемите вредности на секој народ и дека токму преку словото народите стануваат вечни.

„Нека е честит и вечен празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј“, напиша премиерот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани