Од општина потрошувач кон општина производител на енергија. Кичево во изминатите години забрзано вложува во фотоволтаици, енергетска санација на јавните објекти, модернизација на осветлувањето и поддршка за граѓаните. Денес, Кичево спаѓа меѓу општините во државата со најголем број јавни објекти што произведуваат сопствена електрична енергија, а процесот продолжува со цел сите објекти каде што техничките услови го дозволуваат тоа да добијат свој фотонапонски систем.
Енергетската ефикасност и користењето на обновливите извори на енергија во Кичево веќе не се само планови на хартија, туку се претвораат во конкретни инвестиции и мерливи резултати.
Општината од 2019 година континуирано поставува фотоволтаични системи на објектите во своја надлежност. Денес, соларни централи има на 23 јавни објекти, со вкупна инсталирана моќност од 593,2 kW. Со тоа училиштата, градинките, спортските сали, административната зграда и Пречистителната станица постепено од класични потрошувачи стануваат и производители на електрична енергија.
Резултатите од инвестициите веќе се видливи. Од првите системи поставени во 2019 година до денес, општинските објекти произвеле околу 2 GWh сопствена електрична енергија, со остварена заштеда од околу 13 милиони денари, односно повеќе од 200 илјади евра. Со целосно активирање на сегашните 593,2 kW, годишното производство се очекува да достигнува околу 770.000 kWh, што според сегашните цени би значело годишна заштеда во општинскиот буџет од приближно 6 милиони денари.
„Со оглед на тоа што животниот век на фотонапонските системи надминува 25 години, станува збор за инвестиција што повеќекратно се враќа“, велат од Општината.

250 kW реализирани во една година
Значаен чекор во развојот на соларниот капацитет беше направен во 2024 година, кога на седум општински објекти беа поставени фотонапонски системи со вкупна инсталирана моќност од 250 kW.
Системи од по 40 kW добија зградата на Општина Кичево, детските градинки „Олга Мицеска“ и „Ластовички“, спортската сала на ОУ „Фаик Коница“ во Грешница и спортската сала на ОУ „Милто Гурра“ во Стрелци.
Дополнителни 25 kW беа поставени на ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“ и на СОУ „Мирко Милески“, со што беа проширени веќе постојните системи поставени во 2019 година.
Од Општината посочуваат дека токму проширувањето на овие два система покажува дека првичните инвестиции дале резултат и дека нивниот капацитет може дополнително да се зголемува.
„Кај ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“ и СОУ „Мирко Милески“ не станува збор за нови централи, туку за проширување на системите поставени уште во 2019 година. Тоа е потврда дека првите инсталации се покажале успешни во практика и дека Општината се вратила на истите објекти за да го зголеми нивното сопствено производство“, велат од Општината.
Поставувањето на 250 kW во 2024 година било и конкретна цел предвидена во Стратегијата за развој на Општина Кичево 2024–2027. Но, наместо процесот да заврши со исполнувањето на оваа цел, Општината продолжила со нова фаза на инвестиции.
Во периодот 2025–2026 година, фотонапонски системи добиваат уште осум објекти, претежно подрачни училишта во руралните населени места.
Со ова вкупната инсталирана моќност на општинските објекти достигнува 593,2 kW, што е повеќе од двојно над целта од 250 kW поставена во Стратегијата.
Од Општина Кичево најавуваат дека процесот ќе продолжи и во наредниот период, со цел фотоволтаични системи да бидат поставени на сите објекти во општинска надлежност каде што постојат соодветни технички услови.

Енергетската санација на училиштата – инвестиција со долгорочен поврат
Но, соларните панели се само едниот дел од пристапот. Општина Кичево паралелно инвестира и во намалување на потрошувачката преку енергетска санација на јавните објекти. Мерките опфаќаат термичка изолација на фасадите и крововите, енергетски ефикасна надворешна столарија, модернизација на системите за греење и внатрешното осветлување.
Целосно е реализирана реконструкцијата на ОСУ „Мирко Милески“ и „Дрита“, инвестиција вредна околу 20 милиони денари. Во тек е реализацијата на проектот за ОУ „Санде Штерјоски“ во населбата Пашино, додека три училишни објекти се во фаза на потпишување договори за реализација преку Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, поддржан од Светската банка, и преку Фондот за енергетска ефикасност. Нивната вкупна вредност е околу 80 милиони денари. Со тоа, реализираните и договорените проекти опфаќаат пет училишни објекти и инвестиции од околу 100 милиони денари.
Од Општината посочуваат дека кај овие проекти фокусот не е само на моменталната заштеда, туку и на долгорочниот поврат на инвестициите. За проектите што комбинираат енергетска санација и фотоволтаични системи, предвидениот период на поврат е помалку од осум години, додека животниот век на голем дел од мерките се мери во децении, а на фотоволтаичните системи над 25 години.
„Осум години значи дека инвестицијата се отплаќа сама од заштедата што ја создава, а животниот век на изведените мерки е далеку подолг: термичката фасада и изолацијата траат неколку децении, а фотонапонските системи над дваесет и пет години. По истекот на периодот на поврат, сѐ што овие објекти заштедуваат станува чист придонес за буџетот на Општината, односно средства што остануваат на располагање за други потреби на училиштата и на градот. Оттука и логиката на нашиот пристап: не станува збор за трошок што се прави поради усогласување со прописи или поради екологија како апстрактна цел, туку за инвестиција со јасна економска сметка, која истовремено носи и почист воздух и подобри услови за учениците“.

Од соларни панели до целосно управување со енергијата
Следниот чекор за Кичево е да се премине од самото производство кон управување, складирање и оптимално користење на енергијата.
Продолжувањето со поставувањето фотоволтаици останува меѓу приоритетите. Целта е сите објекти во надлежност на Општината, каде што техничките услови го дозволуваат тоа, да добијат сопствен фотонапонски систем, а кај објектите со поголема потрошувачка постојните капацитети дополнително да се прошират.
Следниот технолошки чекор е надградување на постојните фотоволтаични системи со батериско складирање и полначи за електрични возила. Идејата е енергијата произведена во текот на денот да може да се складира и да се користи во периодите кога објектите немаат сончево производство, како и за полнење на електрични возила.
Општината планира и постепена електрификација на сопствениот возен парк, вклучително и електрични комбиња за превоз на учениците од подалечните населени места. Предвидено е нивното полнење да се врши со електрична енергија произведена од општинските фотоволтаични системи.
Во плановите е и воспоставување општински систем за енергетски менаџмент, преку кој во реално време ќе се следат производството и потрошувачката на секој објект. На тој начин ќе може попрецизно да се откриваат загубите, да се следи ефикасноста на системите и да се планираат идните инвестиции.

Енергетската транзиција се приближува и до граѓаните
Енергетската политика на Општина Кичево не е насочена само кон јавните објекти. Општината спроведува субвенции за набавка на инвертер клима уреди, со цел да се намалат трошоците за греење и постепено да се заменат огништата на цврсто гориво.
Посебен акцент се става и на информирањето на граѓаните за можностите за поставување сопствени фотоволтаични системи, за концептот „просумер“ и за формирање енергетски заедници.
Во Белица веќе е формирана првата енергетска заедница во Македонија, модел преку кој граѓаните можат заеднички да инвестираат во производство на електрична енергија и заеднички да ги користат придобивките.
Планирано е и отворање советувалиште за енергија, каде граѓаните би можеле да добијат информации и поддршка за станување просумери, документацијата и дозволите, формирањето енергетски заедници и изборот на мерки со најбрз поврат за нивните домови.

„Не сакаме само да произведуваме енергија, туку да управуваме со неа“
Градоначалникот на Кичево во изјавите за енергетската политика на Општината посочува дека мотивот за инвестициите во фотоволтаици бил пред сè практичен – намалување на трошоците и создавање поголема финансиска предвидливост за локалната самоуправа.
„Одлуката да почнеме со фотоволтаици ја донесовме тргнувајќи од тој многу практичен проблем. Не од стратегии и не од трендови, туку од прашањето како да престанеме секоја година да даваме сѐ повеќе пари за нешто што можеме сами да го произведеме. Денес, кога поминувам покрај нашите училишта и градинки, гледам објекти што работат за себе наместо само да трошат. Тоа беше една од најисплатливите одлуки донесени во оваа зграда, и таа веќе се враќа“, вели градоначалникот Александар Јовановски.
Според него, долгорочната визија е секој општински објект каде што постојат технички услови да произведува дел од сопствената енергија, но и граѓаните да имаат институционална поддршка доколку сакаат да инвестираат во сопствени соларни системи или енергетски заедници.
„Немаме амбиција повеќе објекти да произведуваат дел од струјата. Имаме амбиција да не остане ниту еден покрив во надлежност на Општината што стои празен. Наша обврска е да оставиме град што троши помалку, загадува помалку и зависи помалку од другите. Тоа е сѐ што сакам да остане зад оваа работа“, вели градоначалникот, нагласувајќи дека следниот чекор е складирањето и паметното управување со произведената енергија.

Повеќе од заштеда на сметки
Покрај финансискиот ефект, општинските инвестиции имаат и еколошка димензија. Според податоците на Општината, досега со работата на фотоволтаичните системи се избегнати околу 1.400 тони емисии на CO₂, додека годишното избегнување изнесува околу 540 тони. За споредба, велат од Општината, тоа е количество што би го апсорбирале околу 65.000 возрасни дрва во текот на една година.
Кичево, како регион историски поврзан со производството на електрична енергија од јаглен, паралелно учествува и во процесите на праведна енергетска транзиција. Општината најавува продолжување на инвестициите во обновливи извори, енергетска санација на јавните и станбените објекти, електрификација на возниот парк и создавање нови енергетски заедници.
Финансирањето на овие активности е комбинирано и доаѓа од општинскиот буџет, Центарот за развој на Југозападниот плански регион, национални програми и кредитни линии и фондови, меѓу кои Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор поддржан од Светската банка и Фондот за енергетска ефикасност. Општината секоја година предвидува најмалку 10 милиони денари за активности од областа на енергетската ефикасност.
Со 23 јавни објекти опремени со фотоволтаици, 593,2 kW инсталирана моќност, милионски заштеди, инвестиции во енергетска санација и планови за батериско складирање, електрични возила и паметно управување, Кичево постепено го менува начинот на кој ја произведува и ја користи енергијата.
Целта, според Општината, не е само да се намали сметката за електрична енергија, туку да се создаде систем во кој јавните објекти трошат помалку, произведуваат дел од потребната енергија и со тоа ослободуваат средства за други потреби на локалната заедница.
