Од 15 август до 2 септември 2021 година ќе се одржи 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) во Скопје, која ете, по пауза од една година се враќа во културноисториското светилиште на духот и традицијата на македонистиката, со настава и предавања во живо и со почитување на пропишаните протоколи во време на пандемија.
На оваа 54. Летна школа своето учество го потврдија 40-тина нови и стари, непознати и помалку или повеќе познати семинаристи од 15 земји во светот и тоа од: Малезија, Велика Британија, САД, Руска Федерација, Белорусија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Грција, Турција, Унгарија, Полска, Словачка и Чешка Република. Овој интерес е и благодарение на вложеноста на лекторите по македонски јазик во лекторатите на странските универзитет, како и на професорите/предавачите македонисти и слависти на странските универзитети.
Свеченото отворање ќе се случи на 16 август 2021 година со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, г. Стево Пендаровски и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски. Свеченоста ќе продолжи со пригоднoто обраќањe на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директор на МСМЈЛК при УКИМ, по што ќе следува промоција на Зборникот Предавања на 53. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура, а промотор ќе биде доц. д-р Гордана Алексова.
Во текот на дваесеттина дена учесниците на годинешната Летна школа ќе имаат можност да слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа, како и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти, но и да проследат неколку културните настани.
По 54. Летна школа се најавува и 48. Меѓународна научна конференција на која покрај домашни, учество ќе земат и 20 странски излагачи. 48 МНК на МСМЈЛК при УКИМ ќе се одржи на 3 и 4 септември 2021 во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Координатори на оваа Конференција се проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска за темите од лингвистичката секција и проф. д-р Трајче Стамески за темите од областа на литературата и културата. Околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања на тема 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ – СТОЖЕР НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ЛИТЕРАТУРА И КУЛТУРА.
