Концерт на Викена Каменица и Мерита Реџа –Тершана

Концерт на уметничките од Албанија, Викена Каменица – мецо сопран во пијано придружба на Мерита Реџа –Тершана, вечерва во рамките на фестивалската програма на „Охридско лето“. Концертот е со почеток од 20 часот во црквата Св.Софија.

 

Викена Каменица е една од најпознатите оперски пејачки на нејзината генерација во Албанија.Таа е ќерка на оперски пејачи, успешно ги завршила студиите на Музичката академија во Тирана, а во периодот од 2004-2006 продолжува да студирана ЦЕЕ Музичкиот театар во Виена каде работи со Илеана Котрубас и Бернд Вајкл.

Во 2008 година добива специјален грант да студира на летната академија „Моцартеум“ во Салцбург во класата на Алесандра Алтхоф. Во Албанија, Викена Каменица два пати ја добива наградата „Култ“ за најдобро Оперско остварување и тоа за Розина во „Севилскиот берберин“ и во 2017 година за улогата на Ромео во „Капулети и Монтеки“ на Белини. Од 2001 година е вработена во Националната опера во Тирана каде ги покрива сите улоги од мецосопранскиот фах како Фидалма во „Таен брак“, Сузуки во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, Флора во Вердиевата „Травијата“, Анита во „Приказна од западната страна“ од Бернштајн, Сибел во „Фауст“ од Гуно и Трета дама во Моцартовата „Волшебна флејта“. Гостува во Букурешт и Темишвар во Романија, а настапува и на Фестивалот во Седиер во Франција. Настапува во главната улога во операта „Кармен“ од Бизе, ја пее Мадалена во „Риголето“, Дорабела во „Така прават сите“, Џована Сејмур во „Ана Болена“, а настапува и покрај исклучителната Инва Мула во „Хофманови приказни“, а партнерка е како Шарлота во „Вертер“ на извонредниот албански тенор Сајмир Пиргу. Неодамна во Париз ја пее насловната улога на Далила во „Самсон и Далила“ од Сен-Санс, како и улогата на Ацучена во „Трубадур“.

Концертите се значаен дел од карирата на Викена Каменица, па така, таа настапува со дела од: Мануел де Фаља, Вивалди, Дворжак, Перголези, Бетовен, Брамс и Вагнер.

Особено се истакнува со циклусот „Зимско патување“ од Шуберт кој го изведува во придружба на Мерита Реџа -Тершана. Покрај со класичната музика, Викена настапува и како џез пејачка и во изведба на мјузикли во кои ги пее улогите на Есмералда во „Грбавецот од Нотр-Дам“, Мама Мортон во „Чикаго“, г-ѓа Монтеки во „Ромео и Јулија“ и др. Викена Каменица е омилена кај албанската публика, токму поради нејзината целокупна музичка личност како и поради исклучителното сценско присуство.

Критиката, публиката и медиумите ја сметаат Мерита Реџа -Тершана за една од најактивните уметници на албанската територија, и таа продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања. Добитничка е на импресивна бројка на национални награди како Изведувач на годината на албанскиот фестивал за современа музика во 1996, Изведувач на годината и добитник на Култ наградата во 2010 и 2016. Родена во Тирана, Мерита Реџа – Тершана дипломира на Универзитетот за уметности во Тирана во класаста на проф. Маргарита Кристиди, а се усовршува на пост-дипломски студии и на мајсторски курсеви кај Паул Бадура-Скода и Тил Енгел. Тершана работи на Универзитетот во Тирана од 1994, најпрво како корепетитор, а подоцна од 2002 година како педагог.Како солист настапува со повеќе оркестри вклучително со оркестарот на Албанското радио и ТВ, оркестарот на Универзитетот во Тирана, оркестарот на Операта под диригентската палка на: Ј. Барбулуши, Л. Квадрини, Б. Лапај, А. Лепури, Н. Марин и Д. Савиќ. Како солист е често канета да настапи на познати фестивали во Албанија и Европа меѓу кои Фестивалот „Шлезгвиг- Холштајн“ (Германија), Фестивалот во Брегенц (Австрија), Фестивалот „Гросето“ во Италија како и на бројни фестивали во регионот. Мерита Реџа -Тершана често и за прв пат изведува нови дела од албански композитори, а во 2009 снима ЦД со музика од Шуман. Исто така, има снимено 2 ЦД- а со дела од албански композитори. Сега, Тершана како вонреден професор предава пијано на Универзитетот за уметности во Тирана.

Social profiles