Ликовна изложба на жени сликарки

Во рамките на одбележувањето на јубилејот,25 години од основањето на Женскиот центар „ Бисера“ , вечерва во Центарот за култура „ Григор Прличев“ беше отворена ликовна изложба на жени сликарки од Охрид.

На свеченото отворање на изложбата се обрати претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

Со поставувањето на оваа традиционална ликовна изложба, која се организира по повод одбележувањето на 25 години од основањето на Женскиот центар „ Бисера“, на специфичен начин заеднички го одбележуваме 8-ми март, Меѓународниот ден на жената. Ја одбележуваме 25 годишнината на здружението „ Бисера“ со пораката дека ваквиот сестран активизам на жените во иднина ќе се унапредува и  продлабочува во сите сфери на општественото живеење.

Убаво е чуството да бидеш опкружен со овие дела на охридските жени сликарки, да бидеш дел од овој спектар на бои и уметнички потези и амбиент  полн со сензибилитет кој зрачи со позитивна енергија. Во секоја од овие слики се крие индивидуалност, но сите заедно имаат универзални пораки и уметнички вредности.

Оваа изложба на ликовни дела на жени сликарки од Охрид ни покажува дека жените можат да бидат успешни и како сликари, мајки, сопруги, успешни во бизнисот и во политиката. Нема област во која жените преку постојан  активизам не даваат сопствен печат на општествените текови. Тоа е процес на  општествена еманципација и родова еднаквост, која придонесува за хармонизирање на противречностите и решавање на конфликтите.

Локалната самоуправа има континуирана поддршка на женските организации и ги следи актуелните трендови за унапредување на родовата еднаквост.Неодамна донесовме стратегија за родова еднаквост во која се инкорпорирани искуства од најразвиените демократски општества со план на активности кои се во рамките на нашите надлежности– рече претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

На отварањето на изложбата беа упатени честитки до Жанскиот центар „ Бисера“  по повод прославата на јубилејот, 25 години од основањето, со искрена желба дека ќе продолжат да ги зголемуваат нивните активности и бројот на нивните следбеници.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани