Мерки и координација за заштита на регионот од пожари, беше тема на работниот состанок што СВР Охрид го одржа со Локалниот совет за превенција.
-Целта на оваа средба е дефинирање на клучните превентивни и други мерки за поголема и поефикасна комуникација со локалното население, со советодавните групи граѓани, со урбаните и месните заедници, за следење на состојбите во шумските појаси, пасиштата и другите површини на отворен простор, донесување конкретни мерки за навремено информирање и преземање брзи реакции за спречување и заштита при евентуална појава на пожари, мерки за јакнење на свеста кај граѓаните за опасностите од пожари, за координација при употреба на сите расположливи капацитети и опрема која наменски може да се користи за контрола и заштита на шумите од пожар и соодветна брза реакција на службите за навремено локализирање на избувнат пожар. На координативната средба, покрај полициски службеници од полициската станица Охрид, присуствуваа претставници на штабот за заштита и спасување при општина Охрид, на Територијалната противпожарна единица, на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, на шумската полиција, на јавното претпријатие „Македонски шуми“ и на Планинарска спасувачка единица -Охрид, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Инаку, по неколкуте случени пожари на отворен простор на подрачјето што го покрива, СВР Охрид отпочна со поинтензивни активности и контроли со цел, поголема заштита на регионот од појава на пожари. Апелираме, граѓаните да избегнуваат палење оган во шумските предели, на стрништа, на плевел, отпадоци и на секој друг отворен простор, и потсетуваме дека, предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни кривични пријави и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.