Македонската пливачка легенда Томи Стефановски ќе плива за хуманитарни цели

Македонската пливачка легенда Томи Стефановски организира хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ по повод 15 годишнината од препливување на каналот Ла Манш. Трасата за овој хуманитарен потфат за препливување во Охридското езеро е во должина од 15 километри. Стефановски ќе стартува на 14.08.2024 година во 10 часот и 30 минути од хотел Десарет во месноста Пештани, ќе плива до Црквата Св. Јован Канео и назад до Охридското пристаниште.

Тој ги повикува сите хумани луѓе да донираат за подигнување на свеста и за креирање подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование. „Заедно со Вас и вашата поддршка на многу деца и лица ќе им дадеме можност да ги достигнат личните потенцијали, да уживаат во благодетите од спортот, да имаат поисполнет живот и најважно од се, да се чуствуваат прифатени и сакани“, вели Стефановски.

На 14 август 2009-тата година, Стефановски го преплива каналот Ла Манш по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Македонецот Нико Нестор (1958) и 40- годишнината од препливување на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Тогаш, потфатот на Стефановски траеше цели 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13-ти на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот.

Овој хуманитарен настан Стефановски го организира заедно со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и Охридскиот Пливачки Маратон.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани