Загрижувачки расте бројот на случаи на семејно насилство во Охрид.
Алармантно е што се повеќе „мажи“, ги тепаат своите сопруги и вршат малтретирање на семејството, со тупаници ги „решаваат“ семејните проблеми и така креираат нездрава атмосфера за раст на децата. Денеска, полицијата излезе со информација за уште еден случај на семеен насилник кој ја претепал својата сопруга. Како што стои во соопштението од Канцеларијата за односи со јавноста, СВР Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „телесна повреда“, поднесе кривична пријава против Е.Н.(30) од општина Центар Жупа, со живеалиште во Охрид.
-Пријавениот, казненото дело го сторил на 28 јуни оваа година во 14 часот и 30 минути во семејниот дом по расправија, што се случила со неговата сопруга. Во еден момент од жестоката караница, сега пријавениот Е.Н. физички ја нападнал сопругата со тупаници по целото тело по што и упатил сериозни закани по нејзиниот живот. Од силината на ударите, оштетената се здобила со телесни повреди, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.