Мажите, „главата на семејството“, се главните сторители на семејното насилство.
Статистичките показатели на СВР Охрид уште еднаш докажуваат дека мажите се главните во извршувањето на семејното насилство а жените најчестите жртви. Според соопштението од Канцеларијата за односи со јавноста во СВР Охрид, од почетокот на годинава, во Охрид се случиле 13 семејни насилства а во 2017 бројот бил намален во однос на 2016 година.Во текот на јануари и февруари оваа година, на подрачјето на Охрид случени се вкупно 13 казнени дела поврзани со семејното насилство и евидентирани се вкупно 13 сторители на казнените дела, сите биле од машки род и исто толку жртви од различна полова структура.Во 2017 година, СВР Охрид евидентирала за 11 проценти помалку извршени казнени дела поврзани со семејното насилство споредбено со 2016 година.Имено, во 2017 година, регистрирани се 63 (71 во 2016) казнено дело а службата поднесла 61 (68) кривични пријави против 61 (74) лица.
-Од вкупниот број регистрирани казнени дела поврзани со семејното насилство, најбројни се „загрозување на сигурноста“ вкупно сторени 37(42во 2016) казнени дела. Следуваат „телесна повреда“ со евидентирани 24(27) дела, 02 казнени дела „против правно лишување од слобода“, едно дело „присилба“, едно дело „убиство во обид“, информира м-р Стефан Димоски,портпарол на СВР Охрид.
Димоски вели дека според начинот на извршување, 60 дела се извршени со физичка сила или закана и 3 со ладно оружје, додека во моментот на извршување 52 лица биле под психичко растројство, 08 лица под дејство на алкохол и 01 лице под дејство на дрога. Во истиот период, регистрирани се 11 (02) прекршоци и тоа: физички напад, учество во тепачка и карање и викање.Најчесто причина за сторувањето на овие дела е нервно растројство, алкохол, нарушени брачни и меѓучовечки односи, расправии и закани.
СВР Охрид, сите пријавени случаи на семејно насилство ги решава во координација со Јавниот обвинител и надлежните служби од Центарот за социјални работи, веднаш упатува полициски службеници на местото на настанот и ги презема неоходните законски овластувања.СВР Охрид, крајно професионално продолжува да работи на решавање на овие казнени дела но и превентивно, во соработка со невладини организации, да делува кон намалување и сузбивање на овој вид криминалитет, напоменува портпаролот Димоски.