Во рамки на летниот театарски камп „Конференција на животните 2.0 – Гласови за иднината“, што од 8 до 13 јуни се одржува во Охрид во организација на Гете-институт Скопје, ученици од четири училишта од Скопје, Охрид, Гостивар и Прилеп заеднички создаваат мултимедијална театарска претстава.
Јавната изведба на претставата ќе се одржи вечерва, 12 јуни, со почеток во 20 часот, во дворот на Црква Света Софија.
Инспирирани од книгата „Конференција на животните“ на Ерих Кестнер, младите учесници преку животински ликови отвораат важни прашања за состојбата во светот, глобалните и локалните предизвици, како и за иднината на децата. Во центарот на претставата се ставени ставовите, грижите и надежите на младата генерација, кои преку уметноста добиваат свој глас на сцената.
Под менторство на двајца германски експерти од областа на театарот и мултимедиумите, учесниците преку театарски, јазични и медиумски работилници креираат улоги, дијалози и сцени, комбинирајќи ги театарот, јазикот и дигиталните медиуми.
Посебен белег на претставата е нејзиниот повеќејазичен карактер. Таа ќе биде изведена на македонски, албански и германски јазик, обединувајќи различни културни и јазични перспективи во едно заедничко театарско доживување.
Настанот е отворен за јавноста, а организаторите ги повикуваат сите заинтересирани граѓани и гости на Охрид да бидат дел од оваа необична вечер под отворено небо и да им дадат поддршка на младите таленти.
Проектот се реализира во рамки на иницијативата ПАШ – „Училишта: партнери на иднината“, која на глобално ниво го поттикнува изучувањето на германскиот јазик и меѓународната соработка меѓу младите.
