Во тек е јавниот увид во Избирачкиот список за Локалните избори 2017, а до 29 август, според информациите објавени на веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК) увид во списокот во подрачните одделенија и канцеларии направиле 8.319 граѓани.
Според прегледот на ДИК, најмногу граѓани до завчера увид во Избирачкиот список направиле во подрачните одделенија во Битола – 1.689 и во Охрид – 1.148 граѓани.
Паралелно јавен увид се врши и електронски преку веб-апликацијата поставена на веб-страната на ДИК. Оваа апликација за проверка на податоци на граѓаните до 28 август била искористена над 180.000 пати, пишува Нова Македонија.
Проценката на ДИК е дека зголемен е бројот на граѓаните кои вршат увид во своите податоци. Мал е бројот на лицата кои побарале бришење или промена на податоците. До седницата на ДИК одржана во вторникот само едно лице побарало бришење од списокот, а петмина промена на податоци.
Јавниот увид во Избирачкиот список трае до 9 септември, а списокот за Локалните избори закажани за 15 октомври, според Роковникот, ДИК треба да го заклучи најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид односно до 24 септември.
На 4 септември на полноќ завршува и рокот за собирање потписи за независни кандидати за градоначалници и за листи за советници. Во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК потписи се собираат за 24 листи за членови на совет, и за 14 независни кандидатури за градоначалник.
Во Охрид потписи за градоначалник собираат Горан Китевски и Стевчо Стевовски.