Во рамки на Неделата на борба против ракот, под мотото „Превенцијата спасува животи“, во просториите на Црвен крст Охрид се одржа едукативно предавање за малигни заболувања, со посебен фокус на ракот на простата.
На настанот присуствуваа волонтери и корисници од Програмата за грижа за стари лица, како и членови на Сојузот на борци. Предавач беше д-р Јованчо Митрески од Одделението за урологија при Општа болница Охрид.
Во своето излагање, д-р Митрески ја потенцираше важноста на редовните превентивни прегледи, здравите животни навики и навремената реакција. Беа презентирани и загрижувачки статистички податоци – на глобално ниво секоја година над 12 милиони луѓе заболуваат од рак, а 7,6 милиони ја губат битката со болеста. Во нашата држава, годишно се регистрираат повеќе од 6.000 нови случаи.
Посебно беше нагласено дека приближно 40% од карциномите можат да се спречат со примена на превентивни мерки и практикување здрав начин на живот – порака што беше и суштината на предавањето.
Од Црвениот крст изразија благодарност до д-р Митрески и до сите присутни за интересот и активното учество, истакнувајќи дека едукацијата и информирањето се клучни чекори во зачувувањето на здравјето.


