Нема напредок во изградбата на депонија во Годивје

Нема  напредок во процесот на изградба на регонална депонија во Југозападниот регион. 

Откако граѓаните и локалната власт во општина Дебарца жестоко се спротивставија на  идејата да се гради  депонија во селото Годивје, новиот министер за екологија, Насер Нуредини, бара трпение за да се најде решение.

Уште покомплицирано е што минатиот месец Второстепената владина комисија ја прифати желбата на општината Дебарца против изградба на регионалната депонија, по што целиот проект би требало да се врати на повторно разгледување.

-„Има тековни дискусии и има општини во секој регион кои треба да бидат убедени каде да има станици за трансфер и главни депонии. Имаме национален план и работиме на дополнителни разработки на планот. Ја разбирам итноста од аспект дека ова треба да се направи што е можно поскоро, но ве молам разберете дека е потребно да се помине таа процедура“, вели  Насер Нуредини, министер за животна средина.

Од Југозападниот плански се плашат дека целата постапка за регионална депонија во Југозападниот регион ќе мора да почне од почеток.

-„Како што имам информации вратена е од почеток постапката. Првата траеше околу две години, што подразбира повторно предлагање на локации, а локациите се предлагаат врз основа на претходни испитувања, геомеханичка структура на земјиште, оддалеченост од населени места, а согласно европски критериуми“, вели Мирјана Лозаноска, директор на Југозападен плански регион.

Решение мора да се најде, бидејќи препораките на Унеско се најдоцна до идната година да се затворат дивите депонии во Струга и на Буково.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани